Луиџи Манџоне, осомничен дека го убил директорот на моќната американска осигурителна компанија „Јунајтедхелткер“ Брајан Томпсон, ќе се бори против својата екстрадиција во Њујорк и се очекува да се изјасни како невин, кажа неговиот адвокат Том Дики. Манџоне вчера викаше и се туркаше со полицајците додека го внесуваа во судот во Алтуна, Пенсилванија, каде што беше уапсен пред два дена во ресторан на „Мекдоналдс“.
„Ова е навреда за интелигенцијата на американскиот народ“, извика 26-годишниот Манџоне, на кого му беше одбиено барањето за кауција.
Манџоне беше вратен во притвор во Алтуна, додека гувернерката на Њујорк, Кејти Хочал, изјави дека ќе потпише барање за принудување на неговата екстрадиција. Дики кажа дека неговиот клиент ќе се изјасни како невин за петте обвиненија со кои се соочува во Пенсилванија, кои вклучуваат убиство од втор степен, кривотворење и поседување оружје.
Малку нови информации излегоа за можните мотиви на Манџоне, кој дипломирал со највисоки оценки на престижниот Универзитет Пенсилванија и потекнува од богато семејство. При апсењето, кај него е пронајден рачно напишан документ, во кој изразува гнев кон „паразитските компании за здравствено осигурување“ и презир кон корпоративна алчност и моќ. Во него, Манџоне нашишал дека Америка го има најскапиот здравствен систем на светот и дека профитите на големите корпорации продолжуваат да растат, за разлика на нашиот животен век.
Покрај документот, кај Манџоне биле пронајдени и рачно составен пиштол и лажни лични карти.
Пријатели на Манџоне рекоа дека тој страдал од големи болки во грбот и бил опериран, по што го снемало на неколку месеци пред убиството.