Михајло Јаценциук излегол од подрумот за да направи чај за своите внуци кога нивната зграда била бомбардирана. Кога се освестил половина час подоцна, целиот среден дел од зградата бил уништен, а подрумот во кој се криел со семејството и соседите бил во пламен.
Украинската влада кажа дека 54 луѓе загинале во нападот на зградата на улицата Першотравнева 2 во Изјум на 9 март, речиси половина од станарите. Загинале цели семејства, меѓу кои и Јаценциук, Кравченко и Столпакова.
Нивните судбини главно беа непознати до пред неколку недели, кога украинските сили го ослободија градот во противофанзивата на североистокот на земјата. Притоа беа пронајдени околу 400 гробови на едно место на периферијата на градот.
Од станбената зграда сега се останати две странични кули, додека средишниот дел е руина. Локалните жители велат дека по воздушниот напад, руските сили пукале во зградата и од тенкови од другата страна на реката.
Јаценциук вели дека тој ден изгубил седуммина членови на своето семејство: сопругата, тетката, ќерката, зетот и внуците од 15, десет и три години.
Првите тела биле извадени од урнатините на крајот на март, помалку од еден месец по нападот.
„Беше јасно дека загинале цели семејства. Сестра ми ми кажа дека луѓето биле разнесени во парчиња и било тешко да се идентификуваат“, вели Татјана Привалихина, жителка на зградата, која претходно го напуштила градот, а во нападот ја изгубила мајка ѝ.
Семејството Столпакова било пронајдено дури во мај.
„Целото семејство било во подрумот, загинаа осуммина. Од него остана само бабата Галија, која живеела на другиот крај на градот“, вели Привалихина.
Повеќе од 40 жители на зградата биле погребани на масовното гробно место во борова шума близу градот. Најголем дел од тамошните гробови сега се означени со дрвени крстови, но некои ќе останат анонимни засекогаш.
Јаценциук го напуштил Изјум откако тука го погребал своето семејство на 4 април. Својот некогашен дом го посетил на 30 септември и вели дека урнатините сега се расчистени.