Приватен турски авион, што превезувал 11 луѓе, се урна во Иран, враќајќи ќерка на познат бизнисмен од нејзината моминска забава во Дубаи.
Турските власти соопштија дека во уривањето на авионот во планинска област во близина на градот Шар-е Кодр загинале осум патници и три члена на екипажот.
Весникот „Хуриет“ објави дека загинатите патници се 28-годишната Мина Басаран и нејзините седум другарки. Тие биле на забава во Дубаи, во пресрет на венчавката на Басаран, што требаше да се одржи наредниот месец.
Авионот „бомбардиер челенџер 604“ бил во сопственост на фирма на таткото на Мина, турскиот бизнисмен Хусеин Басаран, поранешен потпретседател на фудбалскиот прволигаш Трабзонспор. Неговите бизниси се проширени на енергетика, финансии, градежништво, туризам и угостителство.