ОСУММИНА ЗАГИНАТИ ПО УРИВАЊЕТО НА НАСТРЕШНИЦАТА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО НОВИ САД

    ОСУММИНА ЗАГИНАТИ ПО УРИВАЊЕТО НА НАСТРЕШНИЦАТА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО НОВИ САДСпасувачките екипи се во контакт со две лица кои уште се под урнатините и дека работат да ги извлечат живи. (Фото: Танјуг)

    Осум лица загинаa во несреќата предизвикана од уривањето на настрешницата на старата зграда на Железничката станица во Нови Сад, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Дачиќ рече дека две лица се в болница и оти едно лице е во тешка состојба бидејќи му била ампутирана ногата. Тој рече и дека спасувачките екипи се во контакт со две лица кои уште се под урнатините и дека работат да ги извлечат живи.

    „Од урнатините се извлечени осум тела, осум се повредени. Двајца се во болница и преживеале, иако состојбата на едниот е сериозна, ногата е ампутирана, двајца уште се под урнатините. Имаме контакт со две лица, работиме на тоа да излезат живи“, рече Дачиќ.

    Тој изјави дека спасувачите веднаш по повикот, во рок од неколку минути, биле на лице место и дека акцијата за спасување била многу тешка и траела неколку часа. Повеќе од 80 спасувачи од повеќе градови учествуваат во спасувачката акција со помош на тешка механизација, која е преземена од МВР, но и од градските комунални претпријатија и некои приватни фирми.

    Дачиќ рече дека по спасувачката акција ќе се спроведе истрага за да се утврди кој е одговорен за несреќата.

    Станува збор за настрешница која се наоѓа над влезната врата во зградата на станицата, а е изградена во 1964 година. Oваа зграда за прв пат беше реновиран во 2021 година, а по неколку месеци повторно започна реновирањето на истата зграда на станицата. Официјално беше отворена на 5 јули годинава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира