Американскиот пејач Ар Кели е осуден на 30 години затвор за водење шема за сексуално злоставување жени и деца. Ова следува девет месеци откако 55-годишната аренби ѕвезда беше прогласена за виновна по сите обвиненија за рекетирање и сексуална трговија, извршени за период од три децении.
Судијката Ен Донели ја изрече казната по сослушувањето на неколку негови жртви, кои сведочеа како Кели ги експлоатирал низ годините. Кели не се обрати на изрекувањето на казната.
Пред 13 години Кели беше ослободен од обвиненијата за детска порнографија, но ова претставува конечен пад на музичарот кој продаде милиони албуми.
Обвинителите го обвинија Кели дека ги искористувал своите слава и богатство за да намамува жртви, најчесто ветувајќи им музичка кариера. Неколку од жртвите сведочеа дека биле малолетни кога имале секс со него. Тој често ги наоѓал жртвите на своите концерти.
На судењето се слушна и како тој незаконски ѝ обезбедил работна дозвола на пејачката Алаја, пред да ја ожени кога имала 15 години. Таа загина во авионска несреќа во 2001.