Перуанската претседателка Дина Болуарте изјави дека нема да поднесе оставка откако нејзината куќа беше претресена како дел од истрагата за можно незаконско збогатување и непријавување сопственост на луксузни часовници. Полицијата во Перу изврши рација во домот на претседателката Дина Болуарте како дел од истрагата за корупција наречена „Ролексгејт“. Властите бараа повеќе од дузина часовници „ролекс“ кои претседателката Болуарте, наводно, не ги пријавила.
Истрагата започна откако новинарски текст го сврте вниманието на луксузните часовници што таа ги носеше на јавни настани, кои датираат од времето кога ја презеде функцијата во декември 2022. Владата на Перу изјави дека вчерашната рација ја смета за „несразмерна и неуставна“.
„Политичката врева што се прави е сериозна, влијае на инвестициите и на целата земја“, напиша перуанскиот премиер Густаво Адрианзен на Икс.
Владиниот контролор претходно овој месец објави дека ќе ги прегледа имотните листови на Болуарте од изминатите две години. Говорејќи минатата недела, Болуарте инсистираше на тоа дека влезе во владата „со чисти раце“ и дека „ќе ја напушти со чисти раце“.
Таа рече дека нејзиниот „ролекс“ бил стар саат што го купила со приходите бидејќи работи уште од својата 18-та година.
Рацијата вчера рано наутро, заедничка операција меѓу полицијата и обвинителството, беше емитувана на локалниот телевизиски канал Латина. Полицијата ја скрши вратата од резиденцијата на претседателката, очигледно откако повиците на официјални лица да се отворат портите и да им дозволат да бараат докази останаа без одговор. Рациите дојдоа откако обвинителите го одбија барањето на Болуарте за повеќе време да одговори на поканата со која се бараше да обезбеди доказ за купување на нејзините часовници.
Болуарте, поранешена адвокатка, стана претседателка речиси случајно откако нејзиниот претходник, Педро Кастиљо, беше отповикан по неговиот обид да го распушти Конгресот и да владее со декрет. Соборувањето на Кастиљо предизвика насилни протести со барање Болуарте да се повлече и да се одржат нови избори. Во судирите загинаа десетици луѓе.