Телата на петмина скијачи се пронајдени во близина на луксузното одморалиште Цермат во Швајцарија.
Тие се пронајдени еден ден откако службите за итни случаи биле предупредени од група алпинисти кои го искачувале 4.199 метри високиот врв Римпфишхорн дека нашле неколку пара скии оставени во близина на врвот. Жртвите биле пронајдени на различни височини на остатоци од лавина кај швајцарско-италијанската граница.
Идентитетот на скијачите не е потврден, па не е позната нивната националност. Спасувачките екипи потврдија дека групата се состоела од петмина скијачи.
Цермат е едно од попрестижните алпски одморалишта во Швајцарија, посетено од богати британски и други европски скијачи. Искачувањето до Римпфишхорн се смета за посложена експедиција, бидејќи е оддалечен околу пет часа од одморалиштето.