Пет лица се убиени кога вооружен напаѓач почнал да пука во редакцијата на локален весник во Анаполис, Мериленд.
Полицијата соопшти дека осомничениот е фатен и се наоѓа во притвор на испрашување, не откривајќи го неговиот идентитет.
Тој одбивал да соработува со полицијата и претходно си ги оштетил врвовите на прстите, за да не може да биде идентификуван. Белец во свои 20-ти години ѝ се предал на полицијата без да дава отпор.
„Знаеме како се вика осомничениот, но во моментов не можеме да го потврдиме тоа“, кажаа од полицијата.
Тој со себе носел и лажни гранати и чадни бомби, а во нападот користел „долго оружје“.
„Веруваме дека тоа што го пронајдовме се експлозивни направи и тие беа уништени“, изјави Вилијам Крамф, заменик-шефот на полицијата на округот Ен Арундел.
Напаѓачот пукал низ стаклената врата на редакцијата, при што погодил повеќе вработени во весникот „Капитал газете“.
Полицијата го третира нападот како локален инцидент, а не како тероризам.