ПО ПОБЕДАТА НА ТРАМП, ЕВРОПСКАТА ДЕСНИЦА СЕ СОБРА ВО МАДРИД И НАЈАВИ ОСВОЈУВАЊЕ НА КОНТИНЕНТОТ

    ПО ПОБЕДАТА НА ТРАМП, ЕВРОПСКАТА ДЕСНИЦА СЕ СОБРА ВО МАДРИД И НАЈАВИ ОСВОЈУВАЊЕ НА КОНТИНЕНТОТ„Патриоти за Европа“ засега е трета најголема политичка група во Европскиот парламент. (Фото: Икс/принтскрин)

    Лидерите на европската десница се собраа во шпанската престолнина на првиот официјален собир на партијата „Патриоти за Европа“, со цел зацврстување на своите позиции и обликување на идната политичка стратегија во Европската унија.

    Во Мадрид, под слоганот „Да ја направиме Европа повторно голема“, учесниците, меѓу кои унгарскиот премиер Виктор Орбан, француската политичарка Марин Ле Пен, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини и холандскиот десничар Герт Вилдерс, ја истакнаа својата визија за Европа без влијанието на Брисел, против миграцијата и за заштита на традиционалните вредности.

    „Нашиот пријател Трамп, торнадото Трамп, го промени светот за само неколку недели. Ерата на либералите заврши, сега сите гледаат дека ние сме иднината“, кажа Орбан пред насобраните во конференциската сала во близина на мадридскиот аеродром.

    Дел од темите на собирот беа остри критики кон европските политики, особено кон Зелената агенда и имиграциските мерки.

    „Зелениот договор е мртов“, рече Андреј Бабиш, поранешниот премиер на Чешка. Според него, енергетската политика на ЕУ ги уништува индустриите и води кон економска пропаст.

    Вилдерс ги обвини европските лидери дека го загрозуваат идентитетот на европските нации со, како што рече, „принудна миграција и либерални експерименти“.

    „На луѓето им е доста од нелегалната миграција и криминалот што доаѓа со неа. Ве прашувам, дали ви е доста од криминал во Шпанија? Дали имате многу исламски мигранти во Шпанија? Дали ви е доста од ‘воук’ лудилото?“, изјави Вилдерс, добивајќи громогласен аплауз од присутните.

    Иако „Патриоти за Европа“ имаат значително присуство во Европскиот парламент, тие засега се трета најголема политичка група и немаат доволно влијание за да ги наметнат своите политики.

    „Ние мора да најдеме заеднички јазик со другите десничарски групи, како Европските конзервативци и реформисти“, рече Ле Пен.

    Претседателот на шпанската партија Вокс, Сантјаго Абаскал, кажа дека „социјалистите и либералите во ЕУ треба да бидат поразени со заеднички сили“.

    „Имаме разлики, но тие не треба да нè разделуваат. Нашите заеднички непријатели се јасни“, додаде тој.

    Состанокот во Мадрид беше затворен со свечена вечера, на која присуствуваше и Кевин Робертс, претседател на американската конзервативна фондација „Херитиџ“, која е блиска до Републиканската партија на САД.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира