Јавниот обвинител на Саудиска Арабија побара смртна казна за дел од извршителите на убиството на дисидентот Џамал Кашоги и го заштити принцот Бин Салман, заклучувајќи дека тој не го наредил убиството.
Кашоги добил смртоносна инјекција по борба со агенти во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври, по што неговото тело било распарчено и изнесено надвор, изјави портпаролот на обвинителот. Тие наводно го покренале својот план три дена пред убиството.
„Принцот Мохамед немал никакви сознанија за овој план“, кажа портпаролот.
Единаесет лица се обвинети за убиството на Кашоги, кој пишувал критички колумни за „Вашингтон пост“, и за пет од нив е побарана смртна казна. Истрага се води за уште десет осомничени лица.
„Убиството го наредил шефот на преговарачкиот тим, кој дошол во Истанбул со цел да го убеди Кашоги да се врати во Саудиска Арабија“, додаде портпаролот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно изјави дека верува оти „убиството е наредено од највисоките нивоа на саудиската власт“.