Фетулах Ѓулен, турскиот клерик кој беше обвинет дека го организирал крвавиот обид за државен удар во 2016, почина на 83 години, објавија турските медиуми. Ѓулен, кој живееше во егзил во САД, починал во болница во Пенсилванија.
Понекогаш нарекуван вториот најмоќен човек во Турција, тој беше духовниот водач на движењето Ѓулен, моќна исламска заедница со следбеници во Турција и низ светот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини движењето за неуспешниот пуч во 2016, што Ѓулен го негираше.
Ѓулен беше познат по тоа што промовираше толерантен ислам, со акцент на алтруизам, умереност и напорна работа. Сметајќи дека образованието е најдобриот начин за младите да го пронајдат својот пат, неговото движење, познато во Турција како Хизмет или служба, отвори бројни образовни установи во Турција и целиот свет. Како што движењето се ширеше, неговите следбеници добија функции и во војската и владата.
Хизмет своевремено беше сојузник на Ердоган, но тој потоа се сврте против движењето и вети дека ќе затвори стотици негови училишта и ќе ги избрка „Ѓуленистите“ од владата, кои ги нарече „држава во држава“. Турската влада го прогласи Хизмет за терористичка организација во мај 2016. Два месеца подоцна, фракции на турската војска се обидоа да го соборат Ердоган, но пучот пропадна откако не доби доволно голема поддршка.
Владата го обвини Ѓулен, но тој негираше дека стои зад пучот и го осуди. Илјадници луѓе потоа беа уапсени, а Ердоган само уште повеќе ја зацврсти својата власт.
Ѓулен во тоа време веќе живееше во САД, каде што доброволно замина во 1990-тите. Турција неуспешно бараше негова екстрадиција.