Легендарниот италијански моден дизајнер Џорџо Армани почина на 91 година, потврди неговата истоимена модна куќа.
„Со длабока тага, групацијата ‘Армани‘ ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила. Господинот Армани, како што секогаш го нарекуваа со почит и восхит неговите вработени и соработници, почина мирно, опкружен со своите најблиски. Неуморен, работеше до своите последни денови“, објави групацијата.
Причината за смртта не е објавена, но пред неколку недели, пред да прослави 91 година, Армани бил хоспитализиран поради инфекција на белите дробови.
Армани беше синоним за модерен италијански стил и елеганција. Тој го комбинираше талентот на дизајнер со остроумноста на бизнисмен, водејќи компанија со обрт од околу 2,3 милијарди евра годишно. Познат како „Re Giorgio“ (Кралот Џорџо), дизајнерот беше познат по тоа што го надгледуваше секој детаљ од својата колекција и секој аспект од својот бизнис, од рекламирање до средување на фризурите на моделите додека излегуваа на пистата.
Армани, едно од најпрепознатливите имиња и лица во глобалната модна индустрија, за првпат ја пропушти Модата недела во Милано во јуни оваа година. Тој за овој месец планираше голем настан за да прослави 50 години од неговата модна куќа.
Армани го стави италијанскиот стил на конфекција на меѓународната модна мапа кон крајот на 1970-тите, создавајќи веднаш препознатлива опуштена силуета што ја движи модната куќа половина век.
Армани ги облекуваше богатите и славните во класични кроени стилови, изработени од супермеки ткаенини и придушени тонови. Неговите згодни облеки со црна вратоврска и блескави вечерни фустани често го крадеа шоуто на црвените теписи во сезоната на доделување награди. Тој создаде империја вредна над 10 милијарди долари, која вклучува и модни додатоци, мебел, парфеми, козметика, книги, цвеќиња, па дури и чоколада, рангирајќи го меѓу 200-те најбогати луѓе во светот, според „Форбс“.
Армани исто така поседуваше неколку барови, клубови, ресторани и кошаркарски тим. Отворил повеќе од 20 ресторани, од Милано до Токио и два хотела, во Дубаи и во Милано.
Роден во Пјаченца во 1934, Армани сонувал да стане доктор пред да добие работа на декоратор на излози во една продавница во Милано, што му ги отворило вратите на светот на модата. Во 1975, Армани и неговиот партнер Серџо Галеоти го продале својот „фолксваген“ за 10.000 долари за да започнат со својата сопствена машка облека. Женската облека следела една година подоцна.
Симболот на неговиот нов стил била спортската јакна без постава, која била лансирана кон крајот на 1970-тите и станала моментален успех од Холивуд до Вол стрит. Дизајнерот ја комбинирал јакната со едноставна маица, парче облека што го нарекол „алфа и омега на модната азбука“.
Низ годините, Армани го омекнуваше изгледот со нежни детали, луксузни ткаенини и посветли нијанси за неговата основна беж и сива палета. Неговото инсистирање на панталони и јакни натера некои критичари да ја наречат неговата мода „андрогина“.
Филмскиот класик од 1980 година „Американски жиголо“ ги лансираше холивудските кариери и на Армани и и на Ричард Гир. Врската со Холивуд му донесе учество во над 200 филмови. Други негови долгогодишни обожаватели беа Џоди Фостер, Џорџ Клуни, Софија Лорен и Бред Пит, а Дејвид и Викторија Бекам беа „лицето“ на неговата рекламна кампања за долна облека во 2009 година.
Неуморно работејќи до самиот крај, Армани навести дека гледа свој наследник во долгогодишниот раководител на машката облека Лео Дел’Орко и во неговата внука Силвана Армани, која ја извршува истата улога за женската облека.