Лери Кинг, долгогодишниот водител на „Си-Ен-Ен“ познат по бројните интервјуа со политичари, актери и спортисти, почина денеска на 87 години во болница во Лос Анџелес. Во официјалното соопштение од неговиот син Ченс не се споменува причината за смртта на легендарниот американски водител.
Кинг на почетокот на месецов беше хоспитализиран поради ковид-19. Тој имаше неколку здравствени проблеми и преживеа неколку срцеви удари. Во 2017 година му беше дијагностициран рак на белите дробови.
Кинг стана славен во 70-те години од минатиот век со неговата емисија на радио „Шоуто на Лери Кинг“. Потоа доби сопствено шоу на „Си-Ен-Ен“ „Лери Кинг во живо“, кое се емитуваше од 1985 до 2010 година. Од 2012 до 2020 година се префли на „Хулу“ и „РТ Америка“ со шоуто „Лери Кинг сега“.