На 83 години почина Ратко Младиќ, некогашниот заповедник на војската на босанските Срби и осуден воен злосторник, потврди неговото семејство. Младиќ почина во притворската болница во Хаг, каде што престојуваше во изминатиот период поради влошеното здравје. Неговите адвокати и семејство претходно не успеаја да издејствуваат да биде пуштен на слобода.
Роден во 1943 во босанското село Божиновци, 70 километри јужно од Сараево, Младиќ завршил воено школо во Белград. На почетокот на крвавиот распад на Југославија, ЈНА го испрати Младиќ во Хрватска за да им помогне на побунетите Срби во Книн. Во јуни 1991 беше назначен за заповедник на 9. корпус на ЈНА во Книн, кој тогаш веќе беше отсечен од остатокот на Хрватска.
Во јули 1992, судот во Шибеник го осуди на 20 години затвор за нападот врз селото Кијево, што според Меѓународниот казнен суд во Хаг се смета за момент кога ЈНА застанала на српската страна во конфликтот.
По почетокот на борбите во БиХ, Младиќ ја напушти ЈНА и премина во новоформираната војска на Република Српска и стана нејзин главен стратег. Под водство на Младиќ, војската на босанските Срби го тероризираше Сараево, а градовите како Фоча, Приједор и Вишеград беа исчистени од муслиманското население.
Во јули 1995, силите на Младиќ влегоа во Сребреница, која претходно беше прогласена за заштитена зона, по што беа убиени над 7.000 муслимански мажи и момчиња.
Уште пред завршувањето на војната во БиХ, Судот во Хаг распиша потерница по Младиќ, кој продолжи да живее во Србија и кажа дека никогаш нема да се предаде. Откако со години беше штитен од српските власти, Младиќ беше уапсен во мај 2011 во српското село Лазарево и екстрадиран во Хаг. Во 2017 беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото.



