Почина рускиот научник кој беше уапсен пред три дена во Сибир под обвинение за предавство, иако боледуваше од рак на панкреас во крајна фаза. Педесет и четиригодишниот Дмитри Колкер беше префрлен од далечниот Новосибирск во озлогласениот затвор „Лефортово“ во Москва.
„Тој почина вчера. Ќе поднесеме жалба за неговото притворање“, изјави адвокатот Александер Федулов.
Семејството на Колкер кажа дека агенти на ФСБ го одвеле од болницата, каде што примал храна преку цевка и го ставиле на авион за Москва, оддалечена повеќе од 2.800 километри.
Колкер, кој беше доктор по физика и математика, бил обвинет за соработка со безбедносни служби од Кина, каде што претходно предавал. Тој беше шеф на лабораторијата за квантни оптички технологии на Универзитетот во Новосибирск и важеше за светски експерт за ласери.
Вчера беше уапсен уште еден научник од Новосибирск, исто така обвинет за предавство. Не се знае дали овие два случаја се поврзани.