Прославениот француски моден дизајнер Тјери Муглер, чии креации носеа Дејвид Боуви, Бијонсе и Леди Гага, почина на 73 години.
„Муглер беше визионер чија имагинација ги поттикна луѓето ширум светот да бидат похрабри и да имаат поголеми сништа“, беше објавено на официјалната фејсбук страница на Муглер.
Неговиот менаџер кажа дека починал од природни причини.
Откако работел како балетан, акробат и модел, Муглер почнал да прави сопствена облека и својот прв бутик во Париз го отворил во 1970-ите. Тој беше познат по театрални дизајни во кои се нагласуваа колковите и рамената.
Меѓу славните личности кои ги обожаваа неговите креации беа и Шерон Стоун, Џорџ Мајкл и Ријана, а особено беше близок со Дејвид Боуви, кого го облече за венчавката со Иман. Тој исто така го дизајнираше славниот „влажен“ фустан на Ким Кардашијан за Мет гала во 2019.
Муглер ги продаде правата за својот бренд во 1997, неколку години откако го лансираше парфемот „Ејнџел“. Од светот на модата делумно се повлече во почетокот на овој век, по што повремено соработуваше со Леди Гага и Бијонсе.