Полицијата верува дека покојниот милијардер Мохамед Ал Фаед силувал и злоставувал најмалку 111 жени за период од речиси четири децении, од кои најмладата жртва имала 13 години. Размерите на криминалитетот го прават Фаед еден од најозлогласените сексуални престапници во Велика Британија и покренува прашања како тој успеал да помине неказнето пред да почине лани на 94 години.
Скотланд јард кажа дека под истрага се пет неименувани лица осомничени дека му помагале на Фаед, поранешниот сопственик на луксузната стоковна куќа „Хародс“. Исто така, се проверува дали се пропуштени можности во минати полициски истраги и дали има основа да се гонат поранешни или сегашни полицајци поради стари тврдења за корупција.
Овие 111 случаи вклучуваат 21 жртва кои пријавиле злоставување во полиција во периодот од 2005 година до смртта на Фаед и 90 жени кои проговориле јавно откако Би-Би-Си емитуваше документарен подкаст за Фаед во септември.
Првите јавни обвинувања против Фаед се појавија пред два месеца, кога повеќе од 20 некогашни работнички во „Хародс“ открија дека тој сексуално ги нападнал, што вклучува и силување. Документарниот подкаст „Ал Фаед: Предатор во Хародс“ собрал докази дека компанијата додека била во сопственост на Фаед не само што не интервенирала, туку и помогнала да се прикријат тврдења за злоставување. Покрај Лондон, вакви инциденти имало и во Париз, Сен Тропе и Абу Даби.
Фаед се соочи со вакви обвинувања уште додека беше жив, но тие не беа олку големи и сериозни.