Градовите низ американскиот среден запад се парализирани од ударот на арктички студ, предизвикан од таканаречениот поларен вртлог. Најмалку осум луѓе починаа како последица на студеното време, откако температурите паднаа до -30 Целзиусови степени во Чикаго, што е постудено од делови на Антарктик, а во Северна Дакота се измерени -37.
Смрзнувачкото време ќе го почувствуваат 250 милиони Американци, а 90 милиони ќе искусат температури од најмалку -17 степени.
Снегот продолжи да паѓа и вчера и вонредна состојба е прогласена за сојузните држави Висконсин, Мичиген и Илиноис, па дури и за вообичаено потоплите Мисисипи и Алабама. Метеоролозите предвидуваат дека времето од денеска ќе почне да попушта, иако во некои делови ќе останат рекордно ниски температури.
Националната метеоролошка служба ги предупреди луѓето дека можат да добијат смрзнатини по само десет минути изложеност на вака екстремните температури. Во Северна Дакота, се чувствуваат -54 степени поради студените ветрови.
Овој студ се должи на поделбата во поларниот вртлог, маса на студен воздух, што вообичаено останува да кружи околу Северниот Пол. Ова предизвика Чикаго да биде постудено од канадското село Алерт, едно од најсеверните ненаселени места на светот.