Обвинителите покренаа обвиненија против уште тројца полицајци во врска со смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, што им донесе победа на демонстрантите кои во изминатите осум дена ги исполнуваа улиците на американските градови, протестирајќи против полициска бруталност и расизам. Протестите продолжија и ноќеска, но во помал обем и без насилства, иако полицискиот час повторно не се почитуваше во некои градови.
Најтешкото обвинение го доби полицаецот Дерик Човин, кој е снимен како со колено осум минути го притиска вратот на Флојд, нанесувајќи му смртоносни повреди и тој ќе одговара за убиство од втор степен. Останатите тројца полицајци кои беа присутни на приведувањето во Минеаполис се обвинети за помагање и поттикнување на убиство од втор степен и за убиство без предумисла од трет степен.
Сите четворица добија отказ набргу по инцидентот, што се случи пред десет дена и ако бидат прогласени за виновни, би можеле да поминат до четири децении во затвор. Тие се наоѓаат во притвор од вчера, додека Човин беше уапсен минатата недела.
Најмалку 12 луѓе се убиени, а над 9.000 се уапсени во протестите низ САД во изминатите денови.