Сто и едногодишната Вјера Андријиќ, последната жива партизанка од битките на Сутјеска и Неретва, беше повикана да сведочи во Жупанискиот суд во Сплит во врска со долготрајната истрага за настани во Широки Бриег (БиХ) пред речиси 80 години. Истрагата се однесува на можни партизански воени злосторства, односно убиството на група католички свештеници на подрачјето на Широки Бриег во 1945 година.
Андријиќ првпат била испрашана во февруари откако на една локална телевизија зборела за заземањето на Широки Бриег од страна на партизаните.
„Имаше борба, се боревме против црква и борбата траеше сѐ додека поповите не престанаа да пукаат од црквата. Нашите потоа упаднаа во црквата и ги заробија поповите кои имаа митралез. Заробивме пет-шест попови во свештеничка облека“, раскажа Андријиќ во ТВ-емисијата.
Нејзиниот адвокат Анте Нобило изјави дека сослушувањата на Андријиќ се потполно бесмислени.
„Поминаа 80 години и оваа постапка нема никаква оправданост во казнено-правна смисла. Се надевам дека веќе нема да ја повикуваат на испрашување“, рече Нобило.
Сплитското јавно обвинителство претходно соопшти дека уште од 2005 се води истрага за убиството на група свештеници по влегувањето на партизаните во Широки Бриег во 1945.
Андријиќ, која е родена во 1924 година, била болничарка во првиот баталјон на Првата далматинска пролетерска ударна бригада и во таа улога учествувала во битките на Сутјеска и Неретва.
„Ги поминав и Сутјеска и Неретва и мислам дека сум единствената која останала“, кажа Андријиќ откако присуствуваше на инаугурацијата на претседателот Зоран Милановиќ.