Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен ја нападна владата на Трамп за критикувањето на Данска околу Гренланд, велејќи дека неговата земја веќе вложува повеќе во безбедноста на Арктикот и е отворена за поголема соработка со САД. Расмусен се огласи по посетата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на Гренланд, на која тој го повика островот да склучи договор со САД.
Наспроти Венс, Доналд Трамп го задржа својот агресивен тон и кажа дека воената опција за заземање на Гренланд и натаму е во игра.
„Мислам дека постои добра можност да го направиме тоа со воена сила. Тоа е за светски мир, за меѓународна безбедност. Ништо не исклучувам“, кажа Трамп, додавајќи дека не му е гајле каква порака би му испратило тоа на Владимир Путин.
Венс во петокот ја обвини Данска дека не вложува доволно во безбедноста на Гренланд, но кажа дека САД нема да употребат воена сила за да го земат.
„Изнесени се многу обвинувања и, се разбира, ние сме отворени за критики. Но, дозволете ми да бидам целосно искрен: не ни се допаѓа тонот со кој беа кажани. Така не зборувате со вашите блиски сојузници, што Данска и САД секако се“, кажа Расмусен.
Огромно мнозинство жители на Гренланд се противат на идејата за анексија, покажа една анкета од јануари. Од 2009, Гренланд има право да распише референдум за независност и во последните години некои политички партии почнаа повеќе да се залагаат за него. Гренланд управува со своите внатрешни работи, но одлуките за надворешната и одбранбената политика се носат во Копенхаген.