ПОЖАР ВО „ОРЛОВОТО ГНЕЗДО“ НА ХИТЛЕР ВО БАВАРИЈА, ГЕРМАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ПРИВЕДЕ ОСОМНИЧЕН

    ПОЖАР ВО „ОРЛОВОТО ГНЕЗДО“ НА ХИТЛЕР ВО БАВАРИЈА, ГЕРМАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ПРИВЕДЕ ОСОМНИЧЕНМетеоролошките камери регистрирале дека зданието било во пламен и во раните утрински часови во саботата, додека на алпскиот врв паѓал снег. (Фото: Икс)

    Германската полиција соопшти дека привела осомничено лице по пожарот што избувна во некогашното планинско засолниште на Адолф Хитлер во покраината Баварија, познато како „Орлово гнездо“.

    Околу 200 пожарникари биле ангажирани во гаснењето на пламенот во оддалечениот и тешко пристапен објект Келштајнхаус, сместен на планинскиот врв Оберсалцберг во јужниот дел на Германија. Пожарникарите при пристигнувањето затекнале високи пламени јазици и објект целосно зафатен од огнот.

    Од полицијата наведоа дека едно сомнително лице е задржано во привремен притвор, додавајќи дека нема повредени и оти во внатрешноста на објектот не бил пронајден никој.

    Алармот за пожар бил активиран од детектор за чад во петокот вечерта околу 21:50 часот. Официјалната причина за пожарот сè уште не е соопштена, но германските медиуми јавуваат дека истражните органи се сомневаат на подметнување.

    Метеоролошките камери регистрирале дека зданието било во пламен и во раните утрински часови во саботата, додека на алпскиот врв паѓал снег. Пристапниот пат до комплексот е блокиран од полициски сили, а германскиот весник „Билд“ објави дека властите привеле мотоциклист на кого наишле додека се движеле кон местото на настанот.

    Изградено во периодот меѓу 1937 и 1938 година, „Орловото гнездо“ е дел од историското наследство на Третиот рајх на Хитлер, одговорен за смртта на милиони Евреи, како и на Роми, ЛГБТК луѓе и комунисти во Холокаустот. Објектот беше замислен како споменик на владеењето на Хитлер, иако тој ретко го посетувал. Зданието ја поминало Втората светска војна без оштетувања, а од 1952 година во него функционираат ресторан и музејска поставка посветена на нацистичкото минато на локацијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира