Премиерот на Хаити, Ариел Хенри, се согласи да поднесе оставка под притисок на бандите и зголеменото насилство во земјата. Неговата најава уследи по средбата на регионалните лидери во Јамајка, каде што се разговараше за политичка транзиција во Хаити.
Хенри моментално е заглавен во Порторико откако вооружени банди го спречија неговото враќање во земјата од САД минатата недела. Во видеообраќањето во кое ја објави оставката, тој ги повика жителите на Хаити да останат мирни.
„Владата што ја водам јас ќе поднесе оставка веднаш откако ќе биде воспоставен транзициски совет. Го повикувам целиот народ да остане мирен, со цел мирот и стабилноста да се вратат што е можно побрзо“, изјави Хенри.
Тој стана лидер на земјата по убиството на претседателот Жовенел Моисе во 2021 и оттогаш постојано го одложуваше одржувањето на изборите, велејќи дека прво треба да се поврати безбедноста.
Вооружени банди ја презедоа контролата на улиците на главниот град Порт о Пренс во изминатите денови, заканувајќи се со граѓанска војна ако Хенри не поднесе оставка. Властите воведоа вонредна состојба и полициски час во градот и околината.
Најновиот пораст на насилствата во Хаити започна кога Хенри отпатува во Кенија за да разговара за испраќање на мултинационални безбедносни сили во Хаити. Бандите потоа почнаа координиран напад за да се отстрани Хенри од власт, при што упаднаа во два големи затвора, ослободувајќи 4.000 затвореници.