Грчките служби почнаа да собираат стотици илјади мртви риби што се насобраа во пристаништето во централниот град Волос откако биле раселени од нивните вообичаени слатководни живеалишта за време на поплавите минатата година. Пловечките лешеви создадоа сребрена прекривка низ пристаништето и на реката Ксирија близу градот и властите мораа да реагираат пред смредеата да се прошири во околните хотели и ресторани.
„Се шири со километри. Ова не е само долж брегот, туку и во центарот на Пагаскиот Залив“, изјави градскиот советник на Волос, Стелиос Лимниос.
Рибите се извлекуваат со мрежи, по што се фрлаат во камиони. Властите кажаа дека за 24 часа биле собрани над 40 тони угината риба.
Градоначалникот на Волос, Ахилеас Беос, изјави дека смрдеата е неподнослива. Тој ја обвини владата што порано не се справила со проблемот пред да стигне до градот.
Експертите велат дека проблемот е предизвикан од историските поплави во регионот Тесалија минатата година. Поплавите преполнија околно езеро кое беше исушено во 1962, зголемувајќи ја неговата површина за трипати. Во меѓувреме, водостојот на езерото се намали, принудувајќи ги слатководните риби да се движат кон пристаништето во Волос, кое е поврзано со Пагаскиот Залив и Егејското Море.
„На вливот на реката во Волос не беше ставена мрежа и рибите не можеа да преживеат во солената вода“, кажа Беос.