Доналд Трамп му се закани на некогашниот руски претседател Дмитри Медведев и го опиша како „пропаднат претседател“. Медведев, кој сега е заменик-шеф на Советот за безбедност на Руската Федерација, е еден од највоинствените антизападни функционери на Кремљ.
Тој оваа недела кажа дека Трамп игра „игра на ултиматуми“ со Русија и дека таков пристап може да доведе до војна во која би била вклучена и Америка.
„Русија и САД немаат речиси никаков заеднички бизнис и нека остане така. Сакам да му кажам на Медведев, пропаднатиот претседател на Русија кој и натаму мисли дека е претседател, да внимава на своите зборови. Тој влегува на многу опасна територија“, напиша Трамп на својата социјална мрежа утрово.
Медведев реагираше на последните ултиматуми на Трамп, кој прво му даде рок од 50 дена на Владимир Путин да прифати прекин на огнот со Украина, а потоа го намали на десет дена, со важност до 8 август.
„Трамп игра игра на ултиматуми со Русија, 50 дена или 10. Тој би требало да запомни две работи: прво Русија не е Израел, ниту Иран и второ, секој нов ултиматум е закана и чекор поблиску до војна. Не помеѓу Русија и Украина, туку со неговата земја. Не оди по патот на Поспаниот Џо“, кажа Медведев неделава, алудирајќи на прекарот што Трамп го користи за Џо Бајден.
Трамп вчера изјави дека за десет дена ќе почне да ѝ воведува царини и други мерки на Русија ако таа не покаже напредок кон завршувањето на повеќе од тригодишната војна со Украина. Тој притоа најави санкции и за државите кои увезуваат од Русија.