Американската војска потврди дека во Јужна Каролина се урнал борбен авион од типот Ф-35, што е прва несреќа за оваа исклучително скапа програма.
Пилотот успеал на време да се исфрли од кокпитот и нема повредени во инцидентот. Војската соопшти дека почнала истрага за да се утврди причината за падот.
Ф-35 е најголемата и најскапа програма за развој на оружје на светот. Се проценува дека вредноста на паднатиот авион е 100 милиони долари. Според последните податоци на Пентагон, трошоците за производство на еден Ф-35 биле намалени на 89,2 милиони долари.
Се очекува оваа програма да трае меѓу 30 и 40 години, при што е предвидено низ светот да се продадат повеќе од 3.000 вакви борбени авиони.
Сепак, таа беше силно критикувана поради трошоците и борбената ефективност, додека Доналд Трамп постојано го величи авионот, тврдејќи дека „непријателите не можат да го видат“.
Пред неколку дена, САД за првпат употреби Ф-35Б во операција против Талибани во Афганистан, при што биле изведени два напади.