Компанијата за мозочни чипови „Неуралинк“ на Илон Маск, го покажа својот прв пациент како го движи курсорот на компјутер користејќи имплантиран уред. Во деветминутниот пренос во живо на Икс, порано Твитер, Ноланд Арбо го користи курсорот за да игра шах онлајн. Арбо е парализиран под рамениците по нуркачка несреќа и го доби имплантот на чипот во јануари. Целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите за да помогне во справувањето со сложените невролошки состојби.
„Операцијата беше супер лесна“, рече Арбо на презентацијата. Тој рече и дека го користел мозочниот имплант за да ја игра видео играта „Цивилизација VI#. „Неуралинк“ му даде „способност повторно да го сторам тоа и играв осум часа по ред“, рече тој. Сепак, Арбо рече дека новата технологија не е совршена и дека „наидоа на некои проблеми“.
Уредот на „Неуралинк“, кој е приближно со големина на паричка од едно евро, е вметнат во черепот, со микроскопски жици кои можат да ја читаат активноста на невронот и да испратат безжичен сигнал до единицата што прима. Компанијата спроведе и испитувања на свињи и тврди дека мајмуните можат да играат основна верзија на видеоиграта „Понг“.
На „Неуралнк“ му беше дадена дозвола да го тестира чипот на луѓе од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) во мај 2023. „Неуралнк“ е една од сè поголемиот број компании и универзитетски оддели кои се обидуваат да ја усовршат и на крајот да ја комерцијализираат оваа технологија.
На пример, Политехничката школа во Лозана во Швајцарија успешно му овозможи на Герт-Јан Оскам, кој е парализиран, да оди само размислувајќи за движењата кои треба да ги направи. Тоа беше постигнато со ставање електронски импланти на мозокот и ‘рбетот на Оскам, кои безжично ги пренесуваат мислите на неговите нозе и стопала. Детали за пробивот беа објавени во научното списание „Нејчр“ минатата година.
Во човечкиот мозок има околу 86 милијарди неврони, нервни клетки поврзани една со друга преку синапсите. Секој пат кога сакаме да се движиме, чувствуваме или размислуваме, се генерира мал електричен импулс и неверојатно брзо се испраќа од еден на друг неврон. Научниците развија уреди кои можат да детектираат некои од тие сигнали – или користејќи неинвазивна капа поставена на главата или жици вградени во самиот мозок. Технологијата – позната како интерфејс мозок-компјутер (BCI) – е местото каде што се чини дека во моментов се насочуваат многу милиони долари за истражување.