Владимир Путин кажа дека жителите на Волгоград ќе одлучат дали да се врати поранешното име на градот Сталинград, како што се викаше кога советските трупи ги поразија нацистичките сили во Втората светска војна. Ова прашање беше покренато во пресрет на 80-годишнината од победата на Советски Сојуз и неговите сојузници над нацистичка Германија, што ќе се одбележува следната недела.
Запрашан за можното враќање на старото име, Путин одговори:
„Идејата е логична, имајќи го предвид историското значење на битката. Жителите треба да одлучат за тоа. Можеме да размислиме, жителите треба да бидат прашани. Секако има логика во тоа. Ако ја тргнете идеологијата од ова колку што е можно, името е поврзано со победа. Но, мора да разјасниме што сака мнозинството жители“, кажа Путин.
Тој вчера издаде указ за преименување на аеродромот во Волгоград во „Сталинград“ за да „се овековечи победата на советскиот народ во Големата патриотска војна“, како што Русите ја викаат Втората светска војна.
Руските власти подготвуваат раскошни церемонии за да се прослави годишнината. Путин ја споредува инвазијата врз Украина со борбата против нацизмот, претставувајќи ја војната како специјална воена операција за демилитаризација и денацификација на Украина.
Сталинградската битка е најкрвавата битка во Втората светска војна, во која за две години загинале над милион советски војници. Волгоград се викаше Сталинград од 1925 до 1961, кога беше преименуван во рамките на процесот на „десталинизација“.