РАПЕРОТ ШОН ДИДИ КОМБС ЈА ОДБИ СПОГОДБАТА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА СЕКСУАЛНА ТРГОВИЈА, СЕ СООЧУВА СО ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР

    РАПЕРОТ ШОН ДИДИ КОМБС ЈА ОДБИ СПОГОДБАТА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА СЕКСУАЛНА ТРГОВИЈА, СЕ СООЧУВА СО ДОЖИВОТЕН ЗАТВОРКомбс беше уапсен во септември и оттогаш е во затворот во Бруклин (Фото: Гети)

    Хип-хоп могулот Шон Диди Комбс ја одбил понудата на властите да се изјасни како виновен и така да се спаси од можноста за долга затворска казна. Тој се појави во суд денеска пред почетокот на судењето за сексуална трговија следната недела. Запрашан од судијата дали ја отфрла спогодбата понудена од обвинителството, Комбс одговори потврдно.

    Педесет и петгодишниот музичар и продуцент се соочува со бројни обвиненија поврзани со сексуална трговија и проституција, што тој ги негира. Ако биде прогласен за виновен, Комбс би можел да добие доживотен затвор.

    На неодамнешно сослушување, неговиот адвокат Марк Ањифило кажал дека раперот имал животен стил на „свингер“.

    „Иако на некои луѓе ваквото однесување би можело да им изгледа несоодветно, тоа не е криминално“, рекол Ањифило.

    Изборот на поротата за долгоочекуваното судење ќе почне в понеделник, а адвокатите ќе ги дадат првите изјави на 12 мај. Се очекува судењето да трае најмалку осум недели, а меѓу сведоците треба да биде и поранешната девојка на Комбс, Касандра Вентура, која го тужеше во ноември 2023 за силување и физичко злоставување.

    Комбс беше уапсен во септември и оттогаш е во затворот во Бруклин.

    „Со децении, Шон Комбс попознат како Паф Деди и Пи Деди злоставувал, се заканувал и принудувал други да ги исполнуваат неговите сексуални желби, да го штитат неговиот углед и да го прикриваат неговото однесување. Тој создал криминално здружение чии членови и соработници се вклучиле во бројни кривични дела, како трговија со луѓе, принудна работа, киднапирање, палење, поткуп и попречување на правдата“, стои во обвинението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира