Државниот секретар на САД Марко Рубио изјави дека раселувањето на Палестинците од Газа, што вчера го предложи Доналд Трамп, би било само привремено. Планот на американскиот претседател беше критикуван и осуден од Обединетите нации, бројни држави и групи за човекови права, арапските лидери и од самите Палестинци.
Портпаролката на Белата куќа Керолајн Ливит појасни дека американските трупи не планираат да стапнат во палестинската енклава, која е дом на над два милиона луѓе. Во исто време, израелскиот министер за одбрана Израел Кац кажа дека жителите на Газа би требало да имаат слобода за излегување и имиграција.
„Предлогот на Трамп не е непријателски, туку дарежлив потег и ја покажува волјата на САД да преземе одговорност за обновата на областа. Идејата е жителите на Газа привремено да си заминат за да може да се расчистат остатоците и да почне обновата“, кажа Рубио.
Според меѓународното право, обидите за присилна преселба на населението од окупирана територија се строго забранети.
„Претседателот е посветен на обновата на Газа и во тој процес населението привремено би било преселено“, рече Ливит.
Трамп ја шокираше светската јавност кога по средбата со израелскиот премиер Нетанјаху предложи САД да ја преземат Газа и да ги раселат Палестинците, со цел таа да се претвори во „блискоисточна ривиера“. Ваков план прво беше претставен од зетот на Трамп, Џеред Кушнер, кој пред една година предложи радикална трансформација на Газа во меѓународно приморско одморалиште.
„Имотот на брегот на Газа може да биде многу вреден, доколку луѓето се фокусираат на градење услови за живот“, кажа Кушнер.