РАСТОТ НА ЦЕНТРИТЕ ЗА ПОДАТОЦИ И ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГИ ЗАБРЗУВА ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО НУКЛЕАРНА ЕНЕРГИЈА ВО ЕВРОПА

    РАСТОТ НА ЦЕНТРИТЕ ЗА ПОДАТОЦИ И ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГИ ЗАБРЗУВА ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО НУКЛЕАРНА ЕНЕРГИЈА ВО ЕВРОПАНуклеарната енергија веќе бележи враќање во Европа поради потребата од енергетска независност и намалување на штетните емисии, но трката за развој на вештачката интелигенција дополнително ги забрзува новите инвестиции. (Фото: Пекселс)

    Иницијативата на Европската Унија за зголемување на капацитетите на центрите за податоци веќе поттикнува поголеми инвестиции во проекти за нуклеарна енергија, во време кога блокот истовремено се стреми кон декарбонизација и зајакнување на енергетската сигурност, покажува истражувањето на глобалната инвестициска банка „Џеј Пи Морган“. Според анализата, европскиот стремеж за што побрза изградба на центри за податоци ги зацврстува аргументите за вложување во нуклеарната енергија како одржлив и сигурен извор за напојување на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

    Центрите за податоци годишно трошат околу 1,5 отсто, односно 415 терават-часови од глобалната потрошувачка на електрична енергија. Оваа потрошувачка се очекува повеќе од двојно да се зголеми до 2030 година и да достигне 945 терават-часови, главно поради потребите на компјутерските процеси за вештачка интелигенција. Во Европа, потрошувачката на овие центри изнесува околу 70 терават-часови, а според проекциите на Европската комисија цитирани во извештајот, до 2030 година би можела да се искачи на околу 115 терават-часови. Од „Џеј Пи Морган“ очекуваат годишната европска побарувачка за струја од центрите за податоци до 2030 година да порасне за дополнителни 89 терават-часови во споредба со 2023 година, при што Пиринејскиот Полуостров и нордиските земји ќе генерираат околу 45 отсто од овој раст.

    Според истражувачката фирма „Егир инсајтс“, најавените проекти за центри за податоци во Европа на крајот на 2025 година достигнале капацитет од 66,1 гигавати, наспроти 10,8 гигавати активен капацитет. Планот на ЕУ е до 2035 година тројно да го зголеми капацитетот на центрите за податоци со цел да ја зацврсти својата технолошка независност и дигитален суверенитет во трката за развој на напредни технологии. Европската комисија месецов предложи и заедничка шема за рангирање на овие капацитети, со која известувањето за потрошувачката на вода и струја треба да стане потранспарентно и да поттикне поодржливи модели на работа.

    Нуклеарната енергија веќе бележи враќање во Европа поради потребата од енергетска независност и намалување на штетните емисии, но трката за развој на вештачката интелигенција дополнително ги забрзува новите инвестиции. Во 2024 година нуклеарните централи произведоа околу 23,35 отсто од целата струја во ЕУ, што е пораст од 4,8 отсто во однос на 2023 година и претставува втора година по ред со позитивен тренд по подолг период на намалување. Нуклеарни капацитети имаат 12 од 27-те земји членки на Унијата, меѓу кои Бугарија, Франција, Чешка, Шпанија, Унгарија, Холандија, Романија, Словенија, Словачка, Финска и Шведска. Франција произведува половина од вкупната нуклеарна енергија во блокот, со остварени 380 терават-часови во 2024 година.

    Технолошките гиганти исто така влегуваат во нуклеарниот сектор во Европа за да обезбедат стабилно снабдување за своите системи. „Гугл“ во септември потпиша 22-годишен договор со финската компанија „Фортум“ за купување до 50 отсто од капацитетот на нуклеарната централа „Ловиса“. „Амазон“ инвестира во американската компанија „Икс-енерџи“ за развој на мали модуларни реактори, со намера да гради погони во Велика Британија и ширум Европа. Иако фисијата се соочува со прашањето за складирање на нуклеарниот отпад, растат и вложувањата во прототипи за фузија како потенцијален чист извор на енергија, па Мајкрософт воспостави соработка со „Хелион енерџи“ за купување струја од комерцијална фузија во земји со развиена нуклеарна база како Франција и Финска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира