Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека имале продуктивни разговори со Украина за договор за крај на војната со Русија, но дека има уште работа. На четиричасовните разговори во Флорида, украинската делегација ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров, додека во американскиот тим беа и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер.
Умеров беше назначен за главен украински преговарач откако Андриј Јермак поднесе оставка минатата недела поради антикорупциска истрага.
„Ова беа продуктивни и корисни разговори. Не станува збор само за условите за ставање на крај на борбите, туку и за условите што ќе овозможат долгорочен просперитет на Украина. Мислам дека денеска градевме врз тоа, но има уште работа што треба да се направи“, кажа Рубио.
Тој ѝ рече на украинската делегација дека целта на мировните разговори со Русија е Украина да остане „суверена, независна и просперитетна“.
Овие разговори се одржаа во пресрет на посетата на Виткоф и Кушнер на Москва оваа недела, што ќе биде следен чекор во дипломатските напори за крај на војната. Трамп кажа дека разговорите се одвиваат многу добро и дека има добри шанси да се постигне договор.
„Важно е разговорите да имаат конструктивна динамика и за сите прашања да се дискутира отворено и со јасен фокус на обезбедување на суверенитетот и националните интереси на Украина“, изјави Володимир Зеленски.
Клучно нерешено прашање е судбината на анектираните и окупираните украински територии. Еден извор изјави дека разговорите во Флорида не биле лесни, но дека сите се обидуваат да најдат решение.



