Романската влада ги измени прописите за коцкање преку итен декрет што им дозволува на општините да ги ограничат или забранат обложувалниците и коцкарниците.
Лиценцираните оператори сега мора да добијат не само национална дозвола, туку и локално овластување за отворање место за коцкање, давајќи им на градоначалниците и локалните совети одлучувачко право на вето. Официјалните лица велат дека повеќе од 200 места би можеле да бараат целосна забрана.
Индустријата за коцкање во Романија се прошири многу брзо, при што се отворија десетици илјади коцкарници и обложувалници низ целата земја, особено во главниот град Букурешт. Досега коцкарниците добиваа дозвола централно, без одобрение од градот, оставајќи ги заедниците немоќни, дури и кога се отвораа близу училишта и станбени области.
„Отсега, па натаму, локалните власти можат јасно да кажат ‘да‘ или ‘не‘. Ако кажат ‘да‘, тие потоа можат да одредат каде точно можат да работат овие места и под кои услови“, рече Дијана Стојка, пратеничка од партијата „Спасете ја Романија“, која ја водеше законодавната кампања.
Најмалку девет градови веќе најавија спроведување целосна забрана. Меѓу нив е и Слатина на југот на Романија, чиј градоначалникот Марио Де Мецо вети дека ќе ги затвори сите коцкарници кога ќе истечат постојните лиценци.
Романскиот сектор за коцкање е пазар од повеќе милијарди евра, генерирајќи близу една милијарда евра државни даноци во 2025. Со години, фискалната корист е едно од главните оправдувања за невоведување ограничувања, и покрај јавниот притисок, но застапниците на регулативата тврдат дека економските придобивки доаѓаат со голема цена.
„Ова е јавноздравствен проблем. Зависноста од коцкање има највисока стапка на самоубиства, а романската држава дозволи оваа индустрија да експлодира во последните 20 години“, кажа Стојка.



