Романскиот претседател рече дека нема да ја назначи за премиер економистката која можеше да стане првата муслиманка премиер во земјата.
Претседателот Клаус Јоанис рече дека „внимателно ги разгледал аргументите за и против“ и решил да не ја номинира Севил Шаидех (52), релативно ново лице во политиката, на функцијата премиер.
Јоанис ја повика Социјал-Демократската партија, победникот на изборите на 11 декември, која ја предложи Шаидех минатата недела, да номинира некој друг за премиер. Тој не кажа зошто нема да ја номинира Шаидех, која е критикувана дека нема доволно политичко искуство. Претходно, таа кусо беше на функцијата министер за регионален развој во 2015 година.
Претседателот на Социјал-Демократите Ливиу Драгнеа не може да стане премиер, бидејќи годинава беше осуден за изборна измама.