Русија изведе голем воздушен напад врз Украина утрово, при што биле користени и крстосувачки ракети, објавија украинските воздушни сили. Москва претходно вети дека ќе се одмазди за вчерашниот голем украински напад, чија мета беа воени и индустриски објекти низ Русија.
Во целата земја се огласија сирени за воздушна тревога по информациите дека група стратешки бомбардери „ту-95“ полетале од аеродромот „Оленија“ во регионот Мурманск. Русија исто така лансирала балистички проектили од пограничниот регион Белгород.
Експлозии се регистрирани во регионите Харкив, Хмелницки и Ивано-Франкивск, а градоначалникот на Лвов, Андриј Садовји, кажа дека имало напади врз енергетската инфраструктура во градот и низ земјата.
Засега нема информации за жртви и штети, но украинските власти вовеле превентивни исклучувања на струјата во неколку региони.
За време на нападот, Полска кажа дека подигнала свои борбени авиони од претпазливост.