Русија се закани дека последниот бран украински напади со дронови на руската територија нема да помине без казна. Портпаролката на министерството за надворешни работи Марија Захарова изјави дека дроновите не можеле да поминат толкаво растојание без информации од западните земји.
Москва кажа дека десетици дронови биле соборени над шест региони, вклучувајќи го Псков, оддалечен повеќе од 600 километри од Украина.
Иако Русија тврди дека сите напади биле спречени, во Псков е погоден аеродром, при што избувнал голем пожар. Новинската агенција ТАСС извести дека се оштетени најмалку четири транспортни воени авиони „ил-76“, од кои два се запалиле. Псков е оддалечен само 32 километри од руската граница со Естонија, која е членка на НАТО.
Покрај тоа, во регионот Бријанск е погодена фабрика за чипови, како и складиште за гориво во Калуга.
Русија возврати со голем воздушен напад на Киев и други делови од Украина, чија војска соопшти дека биле соборени сите 28 проектили и 15 од 16 дронови кои ноќеска биле испукани кон земјата. Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека остатоци од соборените проектили усмртиле двајца чувари во еден нестанбен објект.