РУСИЈА ОБЈАВИ ДЕКА ГИ ОСВОИЛА ГРАДОВИТЕ ПОКРОВСК И ВОВЧАНСК

    РУСИЈА ОБЈАВИ ДЕКА ГИ ОСВОИЛА ГРАДОВИТЕ ПОКРОВСК И ВОВЧАНСКПокровск беше клучна цел на руските сили во офанзивата која траеше повеќе од една година (Фото: АФП)

    Воените заповедници го известија Владимир Путин дека руските сили ги зазеле градовите Покровск и Вовчанск на првата линија на фронтот и дека напредуваат на други места. Украина досега не го признала падот на двата града, кои се наоѓаат во регионите Доњецк и Харкив.

    Објавата дојде во пресрет на посетата на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф на Москва, каде што ќе разговара со Путин за ревидираниот американски мировен план за Украина. Доналд Трамп изјави дека е многу оптимистичен дека ќе се склучи договор за крај на војната, додека Володимир Зеленски кажа дека некои тешки прашања остануваат нерешени, првенствено територијални.

    Шефот на генералштабот на руската војска Валери Герасимов кажа дека руските сили го освоиле Покровск, кој на руски е познат како Красноармејск. Овој град беше клучна цел на руските сили во офанзивата која траеше повеќе од една година и ако ова биде потврдено, тоа ќе им го отвори патот кон последните големи украински упоришта во Доњецк, Краматорск и Словјанск.

    Ова е важна насока. Сите разбираме колку е важна. Тоа ќе обезбеди решенија за задачите што ги поставивме на почетокот на специјалната воена операција“, кажа Путин, додавајќи дека руските сили имаат иницијатива и напредуваат во сите насоки.

    Тој рече дека една од задачите што претстојат е создавање „безбедносна зона“ по должината на руската граница за да се заштитат населени места од украински напади.

    Видео објавено од руското министерство за одбрана на Телеграм прикажува руски војници како чекорат низ град идентификуван како Покровск, при што една група крева руско знаме на плоштад.

    Вовчанск, пограничен град во Харкивскиот регион во североисточна Украина, исто така долго време беше зафатен од жестоки борби. Новинските агенции објавија дека министерот за одбрана Андреј Белоусов им честитал на војниците за освојувањето на градот.

    Герасимов кажа дека руските сили напредуваат и кон градовите Мирнохрад и Лиман во близина на Покровск.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира