Руското министерство за надворешни работи потврди дека десетици руски државјани, не регуларни војници, биле убиени и ранети во неодамнешна битка во Сирија.
Во изјавата не е прецизиран датум кога се случило тоа и ова доаѓа само неколку дена откако руската влада соопшти дека „веројатно петмина Руси“ загинале во борбите во провинцијата Деир ал-Зур.
Некои извештаи кажуваат дека повеќе од 100 руски платеници загинале во американски воздушен напад на 7 февруари, кога тие се обиделе да заземат нафтно поле, што го контролираат Сириските демократски сили, кои имаат поддршка од САД. Американците тогаш објавија дека реагирале одбранбено.
Русија сега потврди дека нејзините регуларни сили не учествувале во вакви акции.
„Жртвите се руски граѓани кои заминале во Сирија во своја режија и од свои сопствени причини. Некои доаѓаат од други бивши советски републики. Станува збор за неколку десетина жртви, а ранетите сега се лекуваат во болници во Русија“, стои во соопштението на министерството.
Официјалното воено присуство на Русија во Сирија се сведува, главно, на воздушни напади, но постојат докази дека голем број руски државјани се борат заедно со силите на претседателот Асад. Тие се ангажираат преку приватни воени компании и нивните семејства добиваат пари од осигурување доколку загинат.