Русија потврди дека еден нејзин воен брод е оштетен во украински воздушен напад на Црното Море. Нападот се случил ноќеска во пристанишниот град Феодосија на окупираниот полуостров Крим.
Руското министерство за одбрана соопшти дека големиот десантен брод „Новочеркаск“ бил погоден со наведувани проектили од украински авион. Шефот на украинските воздушни сили претходно кажа дека украински авиони уништиле руски брод. Прорускиот гувернер на Крим, Сергеј Аксјонов, изјави дека едно лице загинало во нападот и дека се оштетени шест згради.
„Новочеркаск“, кој бил изграден во Полска во 1980-тите, може да носи различни видови оклопни возила, вклучувајќи тенкови.
Снимките објавени од неколку руски медиуми на Телеграм покажуваат големи детонации и пожар во пристаништето.
Иако украинската противофанзива не донесе значајни резултати и руската војска ја поврати иницијативата на некои места, Украина покажа дека е способна да изведува ефективни напади на Крим и руската Црноморска флота.
„Благодарение на нашите пилоти, руската флота станува сѐ помала и помала“, соопштија украинските воздушни сили по последниот напад.