Русија потврди дека употребила нова генерација моќни ласери во Украина со цел да уништува дронови, ангажирајќи дел од своите тајни оружја, додека западот го вооружува Киев. Владимир Путин во 2018 откри дека Русија развива интерконтинентален балистички проектил, подводни нуклеарни дронови и суперсонично и ласерско оружје.
Малку е познато за спецификите на новиот ласер, за кој рускиот вицепремиер Јури Борисов кажа дека се вика „задира“. Путин претходно спомна ласерско оружје наречено „пересвет“.
Борисов изјави дека „пересвет“ е веќе наголемо распореден и може да заслепи сателити стационирани на височина од 1.500 километри, додавајќи дека Русија веќе има и помоќни системи кои можат да уништат дронови и друга опрема. Тој посочи тест од вторникот во кој дрон оддалечен пет километри бил изгорен за само пет секунди.
„Ако ‘пересвет‘ заслепува, новата генерација на ласерско оружје може физички да уништи мета. Термално уништување, метата гори“, кажа Борисов.
Запрашан дали Русија веќе користела такво оружје во Украина, тој одговори потврдно.
„Да, првите прототипови се веќе користени таму. Оружјето се вика ‘задира‘“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја спореди веста за руските ласери со „чудесните оружја“ со кои нацистите се обиделе да го спречат поразот во Втората светска војна.