РУСИЈА САКА ДА НАПРАВИ НОВА РЕПУБЛИКА СРПСКА ОД МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКИОТ АНАЛИТИЧАР ЈАНУШ БУГАЈСКИ

    РУСИЈА САКА ДА НАПРАВИ НОВА РЕПУБЛИКА СРПСКА ОД МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКИОТ АНАЛИТИЧАР ЈАНУШ БУГАЈСКИАко договорот со Грција не ја добие потребната поддршка, Македонија ќе биде изложена на етничка радикализација, регионална нестабилност и на руско мешање, смета Бугајски

    Скопје е новото руско упориште на Балканот и Кремљ се надева дека Македонија ќе стане новата Република Српска, смета американскиот аналитичар Јануш Бугајски.

    „Ако се блокира патот на Македонија во западните институции, во целиот регион ќе пораснат националните тензии. Кремљ ќе вложи дополнителна енергија за да ги наруши кревките демократски постигнувања на Западен Балкан, правејќи ги НАТО и Европската Унија уште понедостижни“, вели Бугајски во интервјуто за црногорскиот весник „Побједа“.

    Бугајски, кој е добар познавач на состојбите на Балканот, откако работел за низа американски организации и владини агенции, додава дека договорот со Грција за промена на името е под закана поради слабата излезност на референдумот, а со тоа и процесот на евроатлантските интеграции на земјата.

    „Ако договорот не ја добие потребната поддршка, земјата ќе биде изложена на етничка радикализација, регионална нестабилност и на руско мешање. Единствениот спас за премиерот Заев би биле предвремени избори во ноември, што исто така би бил ризичен потег, бидејќи националистите се охрабрени од неуспешниот референдум“.

    Иако претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, ги договорија измените на границата, Бугајски смета дека некои лидери на Албанците од Македонија и Косово гледаат шанса за дополнителни хомогенизација и територијални промени.

    „Национализмот и сепаратизмот ќе ја направат земјата подложна на руско влијание. Москва во Македонија гледа упориште за својата борба против ЕУ и НАТО и се надева дека од Македонија ќе може да направи нова Република Српска“, вели Бугајски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира