Руските власти објавија дека се уапсени осуммина луѓе во врска со експлозиите на мостот кој ги поврзува Русија и анектираниот полуостров Крим. Безбедносната служба ФСБ кажа дека петмина од нив се Руси, а останатите се Украинци и Ерменци.
„Утврдивме дека организатор на терористичкиот напад е Главниот разузнавачки директорат на украинското министерство за одбрана, на чело со неговиот шеф Кирило Буданов“, соопшти ФСБ.
Русија ја обвини Украина за саботниот напад, што беше моќен симболичен удар за Владимир Путин, кој лично го отвори мостот во 2018, четири години по анексијата. Путин го опиша нападот како терористички чин и се одмазди со серија ракетни напади на Украина во изминатите два дена.
ФСБ тврди дека експлозивот што придонесе да се урне дел од мостот бил испратен од Одеса преку Бугарија, Грузија и Ерменија, при што била користена непостоечка фирма од Крим.
Портпаролот на Украинската разузнавачка служба Андриј Јусов ги отфрли руските обвинувања како глупост.
„Сите активности на ФСБ и на Рускиот истражувачки комитет се глупост. Тоа се лажни структури кои му служат на режимот на Путин и затоа нема да ги коментираме последните нивни објави“, кажа Јусов.