Руска нуклеарна подморница, која нема да носи нуклеарно оружје, ќе ја посети Куба следната недела, среде растечките тензии со САД поради војната во Украина.
Подморницата „Казан“ и уште три руски брода, вклучувајќи ја фрегатата „Адмирал Гершков“, ќе бидат вкотвени во Хавана од 12 до 17 јуни, потврди кубанското министерство на револуционерните вооружени сили.
„Ниедно пловило нема да носи нуклеарно оружје, па нивното застанување не претставува закана за регионот“, кажаа од министерството.
Оваа објава доаѓа ден откако САД кажаа дека следат руски воени бродови и авион кои се очекува да пристигнат на Карибите за воена вежба. Вашингтон вели дека вежбата ќе биде дел од поширок руски одговор на американската поддршка за Украина.
„Руското воено присуство е забележливо, но не е загрижувачко“, изјави еден американски функционер.
Невообичаеното распоредување на руската војска толку блиску до САД, особено моќна подморница, следува откако некои западни сојузници ѝ дозволија на Украина да напаѓа воени мети на руска територија. Владимир Путин најави дека Русија би можела да преземе симетрични чекори и да вооружи други држави од каде би можеле да се гаѓаат западни цели.