Руската полиција објави дека ја уапсила жената осомничена дека ја испорачала бомбата со која вчера беше убиен влијателниот воен блогер Владлен Татарски во кафуле во Санкт Петербург. Министерството за внатрешни работи претходно распиша потерница по 26-годишната Дарја Трепова и Истражувачкиот комитет го потврди нејзиното апсење.
Руските медиуми објавија дека Татарски примил статуа непосредно пред експлозијата и се верува дека бомбата била скриена внатре. Десетици луѓе се повредени. Властите кажаа дека го истражуваат случајот како убиство од висок профил.
Трепова, која е жителка на Санкт Петербург, била приведена неколку часа откако нејзините мајка и сестра биле испрашани во полиција. Таа била приведена на неколку антивоени протести во Русија во февруари минатата година.
Татарски, кој имаше 560.000 следбеници на Телеграм, беше еден од највлијателните воени блогери во Русија, кој и самиот порано учествувал во борбени дејства во Украина. Тој исто така беше еден од најгласните критичари на руското министерство за одбрана поради воените неуспеси во Украина и редовно патуваше со руските трупи на фронтот.
Кафулето во кое што се случи експлозијата порано било во сопственост на шефот на платеничката група „Вагнер“, Евгени Пригожин и Татарски бил поканет да одржи говор на еден тамошен настан.