Руски бродови способни да изведуваат подводни операции биле присутни близу местата каде што подоцна се случија експлозиите на гасоводите Северен тек, откри истрагата на четири скандинавски телевизии. Пловилата биле лоцирани со пресретнување на руски поморски комуникации.
Двата гасовода се вон функција од експлозиите во септември, чија причина не е позната. Веднаш по овие настани, некои на западот ја обвинија Русија. Во други разузнавачки извештаи беше наведено дека нападот го извршиле проукраински оперативци.
Во новата документарна серија „Војната во сенка на Путин“, која е заеднички проект на ТВ-мрежи од Шведска, Данска, Финска и Норвешка, прво беше откриено дека руски пловила вршеле мапирање на ветерници во Северно Море, а во новата епизода се зборува за сомнителни движења на бродови во пресрет на експлозиите на гасоводите.
Се верува дека станува збор за рускиот истражувачки брод „Сибирјаков“, товарниот брод „СБ-123“ и за уште еден брод од руската поморска флота, кој не бил идентификуван. Бидејќи трансмитерите им биле исклучени, тие се сметаат за „бродови духови“, но авторите на серијата велат дека успеале да го следат нивното движење, пресретнувајќи радио-комуникации со руските поморски бази меѓу јуни и септември 2022.
Се вели дека овие бродови биле близу местото на експлозиите неколку часа, а во еден случај и речиси цел ден. Се верува дека „Сибирјаков“ е способен да врши подводно набљудување и мапирање и да лансира мало подводно возило.
Во серијата се потенцира дека нема убедливи докази за тоа што правеле бродовите, ниту, пак, се обвинува Русија за експлозиите.
Русија постојано ја негира својата вмешаност во овој инцидент, кој се случи во економските води на Данска и Шведска и повика да се забрза истрагата, што ја водат овие две земји и Германија.