Влијателниот руски воен блогер Владлен Татарски, кој известуваше од војната во Украина, загина во експлозија во кафуле во Санкт Петербург, објавија руските медиуми. Тие додаваат дека во експлозијата во кафулето „Стрит бар“ има и најмалку 16 повредени.
Експлозијата се случила во моментот кога Татарски одржувал настан за медиумски професионалци.
Татарски, чие вистинско име беше Максим Фомин, беше угледен блогер и гласен заговорник на руската инвазија на Украина. Тој се прослави минатата година кога објави видео од Кремљ во кое порача дека Русија сите ќе ги порази и убие.
Извори од министерството за внатрешни работи кажаа дека бомбата била скриена во статуа што на Татарски му била подарена во кутија.