Руски воен персонал влегол во воздушна база во Нигер во која се стационирани американски трупи, потврди функционер од Пентагон, што следува откако хунтата донесе одлука за протерување на американските сили од земјата.
Воените офицери кои ја водат западноафриканската држава му кажаа на Вашингтон да ги повлече своите илјада војници од земјата, која до ланскиот воен пуч беше клучен партнер на САД во борбите против локалните бунтовници и џихадистите.
„Руските сили не се мешаат со американските, туку се сместени во посебен хангар во базата, која се наоѓа близу меѓународниот аеродром во главниот град Нијамеј“, изјави американски функционер.
Потегот на Нигер ги стави американските и руските трупи во непосредна близина во времето кога двете земји се во тензични односи поради војната во Украина.
„Ситуацијата не е добра, но може да се држи под контрола на краток рок“, кажаа од Пентагон.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека не постои никаков ризик за американските трупи, ниту пак руските сили би можеле да дојдат блиску до американска воена опрема.
Во изминатиот период, американските трупи беа принудени да се повлечат и од Чад, додека француските сили беа протерани од Мали и Буркина Фасо.