Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) ја затворила истрагата за вооружената побуна на „Вагнер“ и ги отфрлила сите обвиненија против учесниците, објавија руските медиуми.
„Криминалниот случај со вооружената побуна е затворен, според ФСБ. Во текот на истрагата било утврдено дека учесниците во побуната ги прекинале своите акции“, објави новинската агенција „ТАСС“.
Илјадници војници на „Вагнер“ во саботата го окупираа Ростов на Дон и потоа зазедоа воени објекти во Воронеж, по што продолжија кон Москва. Побуната беше прекината во моментот кога тие биле на 200 километри од главниот град. Путин прво го обвини Евгени Пригожин за предавство, за потоа да му дозволи да замине во Белорусија. Во синоќешното телевизиско обраќање, Путин најави дека ќе им се суди на организаторите на побуната.
Руското министерство за одбрана објави дека се вршат подготовки за преземање на воената опрема на „Вагнер“, чии припадници добија три опции од Путин: да заминат во Белорусија, да потпишат договор со министерството за одбрана или да се вратат кој своите семејства.
Пригожин не кажа каде точно се наоѓа кога вчера ја објави својата аудиопорака, но приватен авион што се поврзува со него денеска слетал во Минск.