Руските власти кажаа дека уапсиле 29-годишен маж од Узбекистан во врска со вчерашното убиство на еден од најважните руски генерали Игор Кирилов во Москва. Шефот на руските нуклеарни, биолошки и хемиски одбранбени сили загина заедно со својот помошник откако беше детониран експлозив поставен на електричен тротинет.
Руската безбедносна служба (ФСБ) кажа дека осомничениот бил ангажиран од украинските разузнавачи. Украинската тајна служба (СБУ) веќе потврди дека стои зад убиството, велејќи дека Кирилов бил легитимна мета зашто извршил воени злосторства во Украина.
Убиството се случи само ден откако СБУ го обвини Кирилов дека е одговорен за масовна употреба на забранетото хемиско оружје во Украина.
„Дваесет и деветгодишен маж е уапсен под сомнение дека извршил терористички чин. За време на испрашувањето тој призна дека бил регрутиран од украинските специјални служби. Како награда за убиството на Кирилов, тој требало да добие 100.000 долари и дозвола за влез во Европска Унија“, објави ФСБ.
Оттаму додаваат дека тој дошол во Москва по инструкции на Украина, по што му бил дадена домашно направена експлозивна направа.
„Тој ја поставил направата на електричен тротинет, што го паркирал пред влезот на зградата во која што живееше Кирилов. Потоа изнајмил автомобил за да го набљудува домот на Кирилов и инсталирал камера која пренесувала во живо до неговите налогодавачи во украинскиот град Днипро. Кога видел дека Кирилов излегува од зградата, ја детонирал бомбата“, објави ФСБ.
Кирилов е највисоко рангираниот руски офицер убиен во Русија од почетокот на војната во Украина.