Високи американски и ирански функционери пристигнаа во главниот град на Пакистан, Исламабад, на преговори за крај на шестнеделната војна, иако Иран фрли сомнеж врз разговорите, велејќи дека тие можеби нема да почнат без ветувањето за укинување на санкциите и за вклучување на Либан во примирјето.
Американската делегација, составена од потпретседателот Џеј-Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, слета со два авиона на американските воздухопловни сили во Исламабад утрово, при што беа пречекани од началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир и министерот за надворешни работи Ишак Дар.
Иранската делегација, предводена од претседателот на парламентот Мохамед Багер Калибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи, пристигна вчера.
Ова ќе бидат разговори на највисоко ниво помеѓу САД и Иран од Исламската револуција од 1979 година и нивни први официјални директни преговори од 2015 година, кога постигнаа договор за нуклеарната програма на Иран. Трамп го укина договорот во 2018, по што врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, забрани понатамошните директни разговори помеѓу американските и иранските претставници.
Иранската државна телевизија соопшти дека иранската делегација прво ќе се сретне со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф за да се утврдат времето и начинот на можните преговори. Калибаф вчера изјави дека Вашингтон претходно се согласил да ги одблокира замрзнатите ирански милијарди и да склучи примирје во Либан, додавајќи дека разговорите нема да започнат сè додека не се исполнат тие ветувања. Израел и САД тврдат дека Либан не е дел од договорот за примирје.
„Имаме добри намери, но не им веруваме. Нашето искуство од преговорите со Американците отсекогаш било исполнето со неуспех и прекршени ветувања“, рече Калибаф пред доаѓањето во Исламабад.
Еден пакистански извор изјави за „Ројтерс“ дека се многу позитивни во пресрет на преговорите. Запрашан дали тие би можеле да завршат денеска, тој кажа:
„Прерано е да се каже. Тие имаат инструкции да склучат договор или да си заминат. Затоа, нема брзање“.
И Трамп рече дека не е сигурен дали разговорите ќе бидат еднократни или ќе продолжат во наредните недели. На прашањето дали има резервен план, тој одговори: „Не е потребен резервен план“.
Исламабад е ставен под невидена блокада пред разговорите, со илјадници војници и паравоен персонал на улиците.
„Распоредивме повеќеслојно обезбедување за овој настан, кое се базира на координација, разузнавање и постојано следење за нулто нарушување и целосна контрола“, изјави заменик-министерот за внатрешни работи на Пакистан, Талал Чаудри.



